Kemal Karadağ
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Грчката крајбрежна стража фрлила тројца мигранти во морето, при што еден од нив загинал, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во објава на Твитер, Сојлу напиша дека по инцидентот во близина на брегот на Чешме во подрачјето на Измир, Турција, двајца од мигрантите се спасени додека третиот починал.
Тој додаде дека Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) „исто така мора да биде повикана на одговорност“.
Сојлу сподели и снимка од еден од спасените мигранти.
Еден од мигрантите изјави дека грчката полиција им ги земала телефоните и парите, и иако еден од неговите роднини рекол дека не знае да плива, грчката крајбрежна стража не го земала тоа предвид и ги фрлила во морето.
„Грчката крајбрежна стража ни даде елеци за спасување пред да нè остави во морето, но тие беа за деца и беа многу мали. Не нè собираа. Мојот братучед рече дека не знае да плива. Но, тие не го слушаа, нè фрлија во вода и тој се удави“, рече мигрантот.
„Неговите последни зборови беа: Јас не можам да пливам! Јас не знам да пливам!“.
Мигрантите рекоа дека откако стигнале до остров пливајќи, пристигнала турската крајбрежна стража и ги спасила.
Во изминатите месеци се забележуваат голем број пријави дека грчките сили незаконски истуркуваат чамци со мигранти, загрозувајќи ги нивните животи.
Турција е клучна рута за транзит за мигранти кои имаат за цел да преминат во Европа и да започнат нови животи, особено оние кои бегаат од војна и прогон.
Турција во моментот е домаќин на околу 3,7 милиони Сиријци, повеќе од која било земја во светот.