Sarp Özer
20 Април 2019•Ажурирај: 22 Април 2019
АНКАРА (АА) - Сарп Озер
Министерот за национална одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, истакна дека со вооружувањето на островите кои имаат статус на подрачја без формална војска, отворено се кршат меѓународното право и договорите.
„Потребно е да им се стави крај на контрадикторните концепти кои се во спротивност со договорите, пријателството и добрососедството. Очекувам мојот почитуван пријател, грчкиот колега, искрено, конструктивно, во рамките на добрите односи, по ова и другите прашања да ги преземе потребните мерки“, рече Акар.
По состанокот во Министерството за одбрана на кој учествуваше и ешалонот на командата на Турските вооружени сили, министерот Акар во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за последните случувања во Егејското и Медитеранското Море.
Истакнувајќи дека Турција секогаш ги почитува меѓународните договори, министерот Акар рече: „Ние се залагаме за добрососедски односи. Очекуваме сите наши соседи да се однесуваат на ист начин.“
Министерот Акар, зборувајќи дека работат на решавање на проблемите во Егејското Море, Медитеранот и на Кипар, по мирен пат и низ дијалог, го истакна следното:
„Еден од овие проблеми е вооружувањето на островите кои имаат статус на подрачја без формална војска, што отворено претставува кршење на меѓународното право и договори. Потребно е да им се стави крај на контрадикторните концепти кои се во спротивност со договорите, пријателството и добрососедството. Потребно е кај овие острови да се заштити и продолжи статусот на подрачја без формална војска. Очекувам мојот почитуван пријател, грчкиот колега, искрено, конструктивно, во рамките на добрите односи, по ова и другите прашања да ги преземе потребните мерки. Од друга страна, потребно е секој да знае дека Турција е крајно одлучна да ги заштити своите права и придобивки кои произлегуваат од меѓународното право.“
- Купувањето на ракетниот одбранбен систем „S-400“
Осврнувајќи се на коментарите во врска со активностите на Турција за набавката на ракетниот одбранбен систем „S-400“, министерот Акар продолжи со зборовите:
„Купувањето на ракетниот одбранбен систем „S-400“ претставува превентивна мерка за заштита на нашата земја од воздушни и ракетни закани. Како што е познато, и други сојузници на НАТО, како што е Грција на пример, во арсеналот на својата одбрана го имаат ракетниот одбранбен систем „S-300“. За крај, Турција, исполнувајќи ги сите свои обврски како сојузник на НАТО и во билатералните односи, продолжува да го дава својот придонес за мирот во регионот и светот.“