Ali Eyvaz
11 Октомври 2016•Ажурирај: 12 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција и претседател на АК партија, Бинали Јилдирим, зборуваше за дневните настани на средбата на пратеничката група на АК партијата. „Овие денови, терористичката организација ПКК ги насочи своите операции против АК партијата. Предавниците треба да го знаат следното: АК партијата нема само да гледа што правите. Турската Влада со сите свои можности и одлучност ќе продолжи сѐ додека цела Турција не се исчисти од сите терористички организации“, јавува Anadolu Agency (AA).
- „Вашите закани не можат да нѐ заплашат“
Претседателот на АК партијата, Јилдирим, истакна дека терористичката организација ПКК овие денови своите активности ги насочи кон АК партијата. „Пред два дена, во својот дом, пред очите сопругата и своите 6 деца беше убиен заменик-претседателот на АК партијата за областа Озалп, додека вчера на своето работно место беше убиен претседателот на АК партијата за областа Диџле. Овие предавници треба да го знаат следното: АК партијата нема само да гледа што правите“.
Јилдирим рече дека АК партијата и турската Влада, со сите свои можности и одлучност ќе продолжат сѐ додека цела Турција не се исчисти од сите терористички организации.
„Вашите закани не можат да нѐ заплашат. Тие не можат да го заплашат ниту овој народ. Овој народ во својата милениумска историја не знае што е тоа заробеништво, вам ли ќе ви се плаши. Турција продолжува со својата стабилност, покрај сета нестабилност во регионот. Од една страна, се бориме за нашиот економски развој, спроведување на проекти за иднината на нашиот народ, а од друга страна е борбата против глобалните терористички организации како што се ПКК, ДАЕШ, ФЕТО. Наша цел е во земјата да не им дадеме можност на елементите што се обидуваат да ја зацрнат иднината на Турција. Фала му на Господ, народот е со нас во оваа борба. Народот вели: ‘Одете докрај во борбата. Во никој случај немојте да се откажете’. Нема да им препуштиме ниту еден квадрат од 780 илјади кавадратни километри од територија на Турција. Додека нашите државјани да можат на сигурен и безбеден начин да се движат во секој дел од нашата земја, операциите ќе продолжат. Операциите продолжуваат со растурање на гнездата на сепаратистите и предавниците. Тоа е причина што овие терористи својот гнев и нервоза ги прикажуваат со напади врз членовите на АК партијата. Го знаеме тоа и ќе го направиме потребното“, рече Јилдирим.
Јилдирим рече дека животот продолжува и за оние што зборуваат дека „во Турција има безбедносен проблем“ и „во Турција постои тероризам“, им се обрати потсетувајќи ги дека во период од две недели во Истанбул се одржаа 26. Светски конгрес на поштите и 23. Светски конгрес за енергија.
- „Зарем Америка не е наш сојузник?“
Зборувајќи за дневнополитичките настани, претседателот на АК партијата и премиер на Турција, Јилдирим, зборуваше и за претседателските избори во Америка.
Тој рече:
„Почитуваната Хилари Клинтон излезе пред медиумите и изјави дека доколку биде избрана, ќе им испрати оружје на Курдите од подрачјето, на терористичките организации. Тоа што значи? Зарем Америка не е наш сојузник? Зарем НАТО не е наш сојузник? Зарем не е наш сојузник во регионот? Што значи поддршка во оружје? Тоа значи само едно. Подолго време веќе им се дава поддршка во оружје на ПЈД и ЈПГ, кои се продолжена рака на ПКК во Сирија, наводно како поддршка во борбата против ДАЕШ. Колку е морално, етички и колку е правилно, борба на една терористичка организација против друга, совладување на една терористичка организација од страна на друга терористичка организација? Нашата загриженост по овие прашања уште еднаш се покажа како правилна. Но секој нека биде сигурен дека не ни е потребна ниту дозвола ниту добра волја за заштита на единството, заедништвото, територијалниот интегритет и животите и имотите на нашите државјани“.
Претседателот на АК партијата, Бинали Јилдирим рече: „Пред собранието на Турција, АК партијата ќе предложи 15 јули да биде прогласен за државен празник – Ден на демократијата, херојски загинатите борци и воените ветерани. Ги покануваме и останатите партии да го поддржат овој предлог. На тој начин ќе продолжиме да го прзентираме заедничкиот дух пред нашиот народ, кој го претставивме на митингот пред Јеникапи во Истанбул“.