Nazlı Yüzbaşıoğlu
14 Август 2018•Ажурирај: 15 Август 2018
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, истакна дека ако САД сакаат да продолжат како земја која има репутација, тоа не се прави со наметнувања, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу, на заедничка прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој се наоѓа во Анкара, во рамките на 10. Конференција на амбасадори, нагласи дека со неговиот руски колега ќе разговараат околу регионалните теми, како и околу Идлиб, тема која моментално е актуелна.
Чавушоглу потсети дека во регионот на Идлиб живеат над 3 милиони цивили.
„Но, во регионот на Идлиб се наоѓаат и некои терористички групи. Дошле од Алепо, Источна Гута и од Хомс. Дошле со нивните оружја по коридорите, отворени особено од претходно окупираните региони. Овие терористички групи, не само за другите или за регионот на Идлиб, туку претставуваат закана и за цивилите во Идлиб и за опозициските групи“, рече Чавуошглу, нагласувајќи дека заедно со Русија, и другите партнери треба да ги откријат и неутрализираат овие терористи.
„Да се бомбардира и убива целиот Идлиб, болниците, училиштата и цивилите само поради тоа што има терористи, тоа ќе биде масакр и ќе предизвика сериозна криза“, истакна Чавушоглу.
Според него, треба да се направи разлика меѓу умерената опозиција и радикалците, и да се откријат терористите.
Во врска со американсиот свештеник Ендрју Брансон, тој рече дека денес ќе се сретне со вршителот на должноста во Американската амбасада во Анкара.
- „Веќе треба да заврши ерата на силеџиство“
Министерот Чавушоглу, во врска со прашањето околу политиката на санкции на САД, рече дека Турција во принцип е против санкциите на САД или на која било друга земја.
Чавушоглу потсети дека секоја земја ги почитува санкциите на ОН, и дека тие се обврзувачки. „Како што никогаш не се согласувавме со санкциите на ЕУ против Русија, така и секогаш јасно истакнувавме дека сме против тоа. Рековме дека нема да се вклучиме и во санкциите против Иран“, додаде тој.
Според него, не е прифатливо една земја да донесе една самостојна одлука и да се обидува таа одлука да им ја наметнува на другите земји.
Истакнувајќи дека од санкциите на САД против Иран е вознемирена Европа, како и азиско-пацифичките земји, Чавушоглу рече: „Веќе треба да заврши ерата на силеџиство. Ако САД сакаат да продолжат како земја која има репутација, тоа не се прави со овие наметнувања. Тоа се прави со слушање на загриженоста на другите земји, како и со гледање на сите како еднакви.“
Шефот на турската дипломатија нагласи дека, исто како што рече и неговиот руски колега Лавров, овој став на САД започна да предизвикува „ефект на пеперутка“, бидејќи САД започнале парите и моќта да ги користат за напаѓање не само на Турција, туку и на други значајни земји на Европа.