Fatih Erkan Doğan,Muhammed Ali Gürtaş
28 Декември 2016•Ажурирај: 29 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Денес министерот за економија на Турција истакна дека ажурирање на Царинската унија меѓу Турција и ЕУ, што ќе ги опфати услугите, земјоделските производи и јавните набавки, е најповолната понудена опција , јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за новинарите при официјалната посета на Етиопија, Нихат Зејбекчи рече дека новата алтернатива значително ќе го зголеми БДП на Турција.
„ЕУ и Турција имаат независни институции за да се направат анализи и процена на влијанието на оваа тема, а резултатите од втората алтернатива се позитивни и за двете страни“, рече Зејбекчи.
Зејбекчи истакна дека постојат четири алтернативни модели за ажурирање на договорот за царинска унија:
„Првиот модел е договор за ажурирање со ограничен распон во однос на земјоделските производи.
Втората алтернатива е ажурирање на договорот со целосно опфаќање на земјоделските производи, услугите и јавните набавки“, рече тој.
Преобликувањето на Договорот за царинска унија во еден сеопфатен договор за слободна трговија, особено со права за одредување на тарифите на производите, беше наведено како трета алтернатива.
„Последната опција е претворање на постоечкиот договор, кој ги вклучува само индустриските стоки, во договор за слободна трговија, а тоа значи враќање назад од сегашната состојба“, рече Зејбекчи.
„Ние ги оценивме сите овие алтернативи и, колку што можам да оценам, втората алтернатива е позитивна и за нас и за ЕУ. Без елиминирање на другите, ќе се концентрираме на оваа опција“, додаде Зејбекчи.
„Исто така, се очекува втората алтернатива, според анализата за нејзиното влијание, да го зголеми БДП на Турција за дополнителни два процента годишно до 2030 година“, рече Зејбекчи.
„Ова ќе донесе дополнителен раст од 24,5 отсто во извозот и дополнителни 23 отсто во увозот во услови на нормален раст на овие бројки“, додаде тој.