Hüseyin Burak Demirer
21 Април 2024•Ажурирај: 25 Април 2024
АНТАЛИЈА (АА) – Во Анталија денеска започна овогодинешното издание на Претседателската велосипедска трка на Туркије („Tour of Turkiye 2024“), а победник на првата етапа е холандскиот велосипедист Фабио Јакобсен од тимот на Дсм-Фирмених ПостНЛ (Dsm-Firmenich PostNL), известува Анадолу.
Јакобсен етапата долга 134,7 километри ја извозе за 2 часа, 56 минути и 14 секунди, а Саша Вимаес од Бингол ВБ (Bingoal WB) го освои второто место. Третото место во трката од првата етапа во спринтерска завршница го освои Сајмон Дехаирс од тимот Алпецин-Децеунинк (Alpecin-Deceuninck).
Јакобсен ќе ја носи тиркизната маичка на лидер во утрешната трка, за кога е закажана втората етапа на патеката од Кемер до Кас, која воедно е и најдолгата етапа на трката (190,6 километри).
Тиркизниот дрес на денешното отворање на трката го носеше минатогодишниот победник Алексеј Луценко од тимот на Астана.
Ова е 59. издание на Претседателската велосипедска трка на Туркије, која завршува на 28 април во Истанбул, при што велосипедистите ќе изминат вкупно 1.188 километри за осум дена. На трката учествуваат 175 натпреварувачи од 25 тимови.
Претседателската велосипедска трка на Туркије се организира под покровителство на кабинетот на претседателот на Туркије, а организатор е Велосипедската федерација на таа земја.
Под името „Тур Мармара“ оваа трка за прв пат се возеше во 1963 година, а веќе од следната година се возеше под името „Претседателска велосипедска трка на Туркије“.
Станува збор за трка која се вози во рамките на календарот на светската велосипедска тура и е единствената трка во светот што се вози на два континента, односно во Европа и Азија.