спорт

Ѓоковиќ и Сакари се пласираа во полуфиналето на УС Опен

- Ѓоковиќ во полуфиналето ќе игра против Германецот Александар Зверев, а противничка на Сакари во полуфиналето ќе биде 18-годишната Ема Радукану, тенисерка од Велика Британија

Yunus Kaymaz  | 09.09.2021 - Обновена : 10.09.2021
Ѓоковиќ и Сакари се пласираа во полуфиналето на УС Опен Фото: Архива / АА

ИСТАНБУЛ

Новак Ѓоковиќ во машка и Марија Сакари во женска поединечна конкуренција изборија пласман во полуфиналето на УС Опен, последниот грен-слем турнир во тенис сезонава, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во вечерните натпревари од десеттиот ден на грен-слем турнирот што се одржува во Њујорк, САД, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, првиот носител на УС Опен, во четвртфиналето се соочи со Италијанецот Матео Беретини, шестиот носител на турнирот, кого го победи во овогодишното финале на Вимблдон.

Ѓоковиќ, кој со 7:5 го загуби првиот сет, ги освои следните три сета со 6:2, 6:2 и 6:3 и по 12-ти пат се пласира во полуфиналето на УС Опен.

Ѓоковиќ во полуфиналето ќе игра против Германецот Александар Зверев, четвртиот носител на турнирот, кој во четвртфиналето го совлада Јужноафриканецот Лојд Харис со 3:0, по сетови 7:6 (8:6 во тајбрејк), 6:3, 6:4.

- По вторпат во кариерата се пласира во полуфинале на еден грен-слем турнир

Во последното четвртфинале во женска конкуренција, 17-тата носителка, Гркинката Марија Сакари, која во претходните кола ги елиминира Петра Квитова и минатогодишната шампионка Бјанка Андреску, се соочи со четвртата носителка на УС Опен, тенисерката од Чешка, Каролина Плишкова.

Во натпревар кој траеше 1 час и 22 минути, Сакари ја совлада Плишкова со 2:0, по сетови 6:4, 6:4, и по вторпат во својата кариера се пласира во полуфиналето на еден грен-слем турнир.

Противничка на Сакари во полуфиналето ќе биде 18-годишната Ема Радукану, тенисерка од Велика Британија, која се наоѓа на 150-тото место на светската ВTA-листа на тенисерки. Во четвртфиналето, Радукану со 2:0, по сетови 6:3, 6:4, ја совлада Швајцарката Белинда Бенчич.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.