Hilmi Sever
13 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
МОСКВА (АА) - Светското фудбалско првенство во 2026 година ќе се одржи во три земји, САД, Канада и Мексико, јавува Anadolu Agency (AA).
Редовниот 68. Конгрес на Светската фудбалска организација (ФИФА) е одржан денес во Москва.
Конгресот во Москва започна со минута молчење за неодамна починатиот претседател на Фудбалскиот сојуз на Косово, Фадил Вокри.
На учесниците им се обрати и рускиот претседател Владимир Путин, кој истакна дека претстојното Светско првенство е можност и за зближување на луѓето и културите.
Раководството на ФИФА и челниците на фудбалските сојузи на сите членки и организациите се собраа во Експоцентарот и со гласање го избраа домаќинот на Светското првенство кое ќе се игра во 2026 година.
Во најтесен избор беа Мароко и САД, Канада и Мексико со заедничката кандидатура, а со 134 освоени гласови, од вкупно 200, трката ја добија трите американски земји.
Тоа ќе биде прв Мундијал на кој ќе настапуваат 48 репрезентации, а не 32 како што е случајот со СП кое започнува утре во Русија и она кое за четири години ќе се одржи во Катар.
Од вкупно 80 мечеви на Мундијалот во 2026 година, дури 60 ќе се играат на тлото на САД, додека Канада и Мексико ќе бидат домаќини на по десет натпревари.
Првенството ќе се игра на вкупно 17 стадиони.