Ekipa
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
СИНГАПУР (АА) - Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино изјави дека предлогот за проширување на бројот на репрезентациите што учествуваат на Светското првенство на 48, со ентузијазам е поддржан на денешниот состанок на државните фудбалски сојузи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Овој модел би се применил од 2026 година, а 48-те репрезентации би биле поделени во 16 групи со по три селекции. Претставниците на фудбалските сојузи од Азија, Европа и од Океанија се состанаа денес со претседателот на ФИФА и едногласно го поддржаа предлогот според кој бројот на репрезентации што ќе учествуваат на Мундијалот би требало да се прошири од 32 на 48.
„Проширувањето беше поддржано. Едногласно, од сите што присуствуваа. Мнозинство се за 48 репрезентации, поделени во 16 групи со по три селекции“, изјави Инфантино по состанокот.
Според тој формат, две репрезентации од секоја група би оделе понатаму, а нокаут фазата би започнала во шеснаесетина финалето.
„Тоа е голем пресврт за фудбалот бидејќи дозволува да учествуваат осум или 16 повеќе тимови и повеќе земји и региони во светот“, изјави шефот на заедничката куќа на светскиот фудбал.
Тој додаде дека проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации нема да влијае на траењето на настанот, кој воглавно се игра 32 дена. Конечната одлука за проширување треба да ја донесе Советот на ФИФА, на дводневниот состанок што ќе се одржи 9 и 10 јануари 2017 година во Цирих.