Associated Press
04 Ноември 2022•Ажурирај: 06 Ноември 2022
ЦИРИХ (АА) - Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино и генералната секретарка Фатма Самоура упатија писма до фудбалските репрезентации кои се подготвуваат за Светското првенство во Катар да го избегнуваат држењето лекции за моралот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмото упатено до фудбалските сојузи, лидерите на ФИФА повикуваат фудбалот да се „постави во центарот на сцената“.
„Ве молиме да се фокусираме на фудбалот“, напишаа Инфантино и Самоура, барајќи од 32 фудбалски сојузи да „не дозволат фудбалот да се вовлекува во секоја идеолошка или политичка борба која постои“.
Во писмото наведуваат дека се свесни дека „фудбалот не живее во вакуум“ и дека низ светот постојат голем број предизвици и „потешкотии од политичка природа“.
„Во ФИФА се трудиме да ги почитуваме сите мислења и уверувања, без давање морални лекции на остатокот на светот. Една од големите сили на светот е неговата разноликост, а ако инклузијата нешто значи, тоа е почитувањето на таа разноликост. Ниту еден народ, култура или нација не е ‘подобра‘ од кој било друг. Овој принцип е камен-темелник на меѓусебното почитување и недискриминација. И тоа е, исто така, една од основните вредности на фудбалот“, напишаа во писмата Инфантино и Самоура.
Лидерите на ФИФА го повторија ветувањето на Катарците и на нивниот емир дадено на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во септември, дека сите посетители на Катар се добредојдени, „без разлика на нивното потекло, вера, пол, сексуална ориентација или националност“.
За првпат во историјата, Светското првенство во фудбал ќе се игра на Блискиот Исток. Триесет и две репрезентации од целиот свет ќе се натпреваруваат на еден од најголемите светски настани на светот од 20 ноември до 18 декември.
Во текот на одржувањето на Првенството во Катар се очекуваат околу 1,2 милиони посетители од странство.