спорт

ФИБА суспендираше 13 кошаркари поради тепачка на натпреварот Филипини - Австралија

Парично се казнети и двете федерации. Кошаркарската федерација на Филипини мора да плати 250.000 швајцарски франци, додека Австралиската федерација, 100.000 франци

Dejan Maksimoviç  | 19.07.2018 - Обновена : 20.07.2018
ФИБА суспендираше 13 кошаркари поради тепачка на натпреварот Филипини - Австралија

Ankara

АНКАРА (АА) - Дисциплинската комисија на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) суспендираше 13 играчи кои учествуваа во тепачката на натпреварот од азиските квалификации за Светското првенство меѓу Филипини и Австралија, одигран на 2 јули во Манила, пренесува Anadolu Agency (AA).

Од репрезентативците на Филипини, 10 се севкупно казнети со суспензија на 35 натпревари, додека тројца австралиски репрезентативци се казнети со 9 натпревари неиграње. Најлошо мина филипинскиот играч Калвин Абуева, кој е казнет со 6 натпревари, додека на другата страна, Даниел Кикерт доби суспензија од 5 натпревари.

Парично се казнети и двете федерации. Кошаркарската федерација на Филипини мора да плати 250.000 швајцарски франци (околу 215.000 евра), додека Австралиската федерација, 100.000 франци (околу 86.000 евра). Средствата од казните ќе одат во Социјалната програма „Кошарка за добро“.

Покрај суспензиите на кошаркарите и паричните казни, на Кошаркарската федерација на Филипини ѝ е наложено следниот официјален натпревар да го одигра без публика. Тренерот на филипинската репрезентација, Винсент Рејес, доби суспензија од 1 натпревар и парична казна од 10.00 франци (околу 8.600 евра), додека неговиот помошник Џозеф Уичико доби суспензија од 3 натпревари.

ФИБА, исто така ги исфрли од својата „Елита програма“, судиите кои го водеа овој натпревар, и им изрече забрана за судење на кој било натпревар кој се организира под нејзина закрила.

Тепачката се случи на 2 јули, во третата четвртина од натпреварот, кој Австралија го доби со резултат 89:53. Судиите по тепачката исклучија 13 играчи, а натпреварот беше прекинат бидејќи репрезентацијата на Филипини на терен остана само со 1 играч.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.