Dejan Maksimoviç
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
НИОН (АА) - Дисциплинската комисија на Европската фудбалска федерација (УЕФА) го казни фудбалскиот клуб Хајдук од Сплит со 40.000 евра, поради инцидентот што го предизвикаа неговите навивачи за време на натпреварот од плејофот на Лигата на Европа со Евертон, кој беше одигран на 17 август во Англија, јавува Anadolu Agency (AA).
Освен паричната казна, УЕФА на сплитскиот клуб му наложи дека во наредните 30 дена мора да го контактира Евертон за да ја плати штетата што ја направиле неговите навивачи. И англискиот клуб е казнет поради фрлање предмети на теренот од страна на нивните навивачи, па ќе мора да плати 10.000 евра.
Дисциплинската комисија му изрече казна и на московски Спартак, поради употреба на пиротехнички средства на нивните поддржувачи за време на гостувачкиот натпревар на Лигата на шампионите против Марибор. На рускиот клуб му е издадена забрана за продажба на влезници на своите навивачи за наредниот гостувачки натпревар против Севилја, на 1 ноември. Со тоа, Спартак ќе мора да плати и парична казна во износ од 60.000 евра.
За време на натпреварот во Марибор, кој беше одигран на 13 септември, од секторот каде што беа сместени московските навивачи беше испукана ракета којашто падна во близина на судијата Денис Ајтекин, а потоа изгоре.