Dejan Maksimovic
12 Октомври 2017•Ажурирај: 13 Октомври 2017
НИОН (AA) – Европската фудбалска федерација (УЕФА) објави дека го именуваше поранешниот португалски фудбалер Луис Фиго (44) за фудбалски советник, пренесува Anadolu Agency (AA).
Фиго беше еден од најдобрите светски фудбалери од својата генерација и уживаше во кариерата на професионален фудбалер 19 години, од почетокот на 1990 во Спортинг од Лисабон, до 2009 година во Интер.
„Работата на Фиго како фудбалски советник подразбира дека ќе се занимава со техничките аспекти на играта, правилата на игра и вкупната атрактивност на нашиот спорт, а ќе го направи и амбасадор на УЕФА“, соопштено е од европската куќа на фудбалот.
Во изјава за официјалната интернет-страница на УЕФА, Фиго му се заблагодари на претседателот Александер Чеферин што му овозможи да помогне во развојот на европскиот фудбал.
„Имав среќа да стекнам богато искуство и верувам дека со пренесувањето на моето знаење можам позитивно да влијаам. Фудбалот постојано се развива, јас сум привилегиран што сум вклучен во работата на УЕФА и би сакал да му се заблагодарам на претседателот Чеферин што ми го овозможи тоа. Толку многу научив од фудбалот што сега искрено се радувам што ќе можам да вратам нешто“, нагласи Фиго.
Освен за Спортинг и за Интер, во текот на играчката кариера Фиго играше за двата најголеми ривали во шпанскиот фудбал, Барселона и Реал Мадрид. Во дресот на португалската репрезентација одигра 127 натпревари и постигна 32 гола.