Bojan Bednar
22 Октомври 2021•Ажурирај: 23 Октомври 2021
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија, Ненад Боровчанин, денеска изјави дека на претстојното Светско првенство во олимписки бокс во Белград кое ќе се одржува од 24 октомври до 6 ноември ќе учествуваат 670 боксери од 103 држави, и дека во Белград ќе престојуваат вкупно околу 1.350 члена на боксерските репрезентации, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата за новинари одржана по повод Првенството, тој наведе дека покрај двете српски телевизии, националната Радио-телевизија на Србија (РТС) и кабловската телевизија „Арена“, натпреварите на Светското првенство ќе ги пренесуваат 39 телевизии низ целиот свет.
Боровчанин рече дека наградата за светските шампиони во сите категории е 100.000 евра, дека за сребрен медал боксерите ќе добијат 50.000 евра, а за бронзен медал по 25.000 евра.
Тој нагласи дека ова е прво светско првенство во олимписки бокс кое се организира во овој формат и дека со новото раководство на Светската боксерска организација (АИБА), боксот доживува „светска ренесанса“.
Најави и дека свечената церемонија на отворањето ќе биде спектакуларна со врвни аудио и видеоефекти и најпопуларни изведувачи од Балканот и дека тоа ќе биде празник на спортот.
Тој наведе дека наследството по ова првенство ќе бидат 1.000 боксерски вреќи, 2.000 боксерски ракавици и 17 ринга, кои ќе бидат поделени на локалните самоуправи во Србија, а дека од донациите од Русија ќе биде изграден националниот тренинг-центар кој ќе биде инфраструктура за развојот на боксот во Србија.
Заменикот на градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, оцени дека организирањето на Светското првенство е доказ дека се случува ренесанса на српскиот бокс, бидејќи Србија дошла во положба, од земја во која боксот „речиси изумрел“, сега да биде домаќин на најдобрите боксери во светот во аматерска категорија.
Тој нагласи дека Белград е единствениот град кој двапати бил домаќин на Светското првенство и потсети дека првпат тоа било во 1978 година, кога Југославија освоила седум медали.
Додаде дека спортските сојузи ја охрабруваат Србија секоја година да има барем по едно светско првенство, укажувајќи дека следната година ќе биде одржано Светско првенство во атлетика во сала и дека се надева оти Белград ќе успее секоја година да има барем по едно првенство, со што главниот град на Србија би бил дополнително промовиран.