Bakir Tiro
17 Декември 2024•Ажурирај: 19 Декември 2024
ТУЗЛА (АА) - Фудбалскиот клуб Слобода од Тузла, убедливо последнопласираната екипа по 17 одиграни круга во Премиер лигата на Босна и Херцеговина, им даде отказ на сите играчи и на тренерот Златан Налиќ, јавува Анадолу.
Оваа одлука ја донесе Азмир Хусиќ, претседателот на еден од најпознатите и најстари клубови во Босна и Херцеговина.
„На сите фудбалери на Слобода им рековме дека повеќе не се дел од нашиот клуб и ја распуштивме екипата. Во наредните денови очекувам сите да потпишат спогодбен раскин на договорите“, изјави Хусиќ, а како што пренесува Анадолу, тој истакнал дека е раскината и соработката со тренерот Златан Налиќ.
Тимот од стадионот „Тушањ“, некогаш стабилен прволигаш од Босна и Херцеговина и од поранешна СФР Југославија, во првиот дел од сезоната на елитното натпреварување во Босна и Херцеговина освои само два бода на 17 натпревари, со катастрофална гол-разлика - 5:36.
Покрај сето тоа, фудбалскиот клуб Слобода, основан во 1919 година, во последните години имаше големи финансиски проблеми. ,