Mutlu Demirtaştan
29 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - На 15. ден од Светското фудбалско првенство 2018 во Русија се одиграа натпреварите од групите Г и Х, јавува Anadolu Agency (AA).
Со последните 4 натпревари заврши групната фаза на Светското првенство во Русија.

Во групата Г се сретнаа репрезентациите на Белгија и Англија кои претходно го визираа својот пласман во осминафиналето. Белгија извојува победа од 1 : 0 со погодокот на Аднан Јанузај во 51. минута од натпреварот.
Во вториот натревар од групата Г се сретнаа Тунис и Панама кои беа без шанси за пласман во осминафиналето.Тунис ја совлада Панама со 2 : 1. Иако Панама поведе со 1 : 0 по автоголот на Јасин Мерија во 33. минута, Тунис успеа да се врати во игра и извојува победа со погодоците на Фахредин Бен Joсеф во 51-вата и Вахби Хазри во 66. минута.
Интересен податок е дека погодокот на Фахредин Бен Joсеф претставува 2.500-ти погодок во историјата на светските првенства.
По овие натпревари Белгија како лидер на табелата со 9 поени и Англија како второпласирана се пласираа во осминафиналето на СП Русија 2018.
Колумбија лидер, Јапонија второпласирана
Во групата Х Колумбија со погодокот на Јери Мина во 74. минута го совлада Сенегал со резултат 1 : 0.
Во вториот натпревар од групата, Полска ја совлада Јапонија 1 : 0 со погодокот на Јан Беднарек во 59. минута.
Колумбија е лидер во групата Х, во која Јапонија и Сенегал имаат ист број поени, ист број постигнати погодоци и гол разлика и нерешен меѓусебен дуел. Примената на правилото на фер плеј, ѝ овозможи на репрезентацијата на Јапонија да ја заземе втората позиција во групата и да се пласира во осминафиналето бидејќи во досегашните натпревари, играчите на Јапонија добија 4 жолти картони, наспроти 6-те жолти картони на Сенегал.
По елиминацијата на Сенегал, за првпат од Светското првенство во 1982 година досега, ниту една африканска репрезентација не ја мина групната фаза.
Табели
Група Г:
| Репрезентација | Н | П | Н | П | П | П | Р | Поени |
|---|
| Белгија | 3 | 3 | 0 | 0 | 9 | 2 | +7 | 9 |
| Англија | 3 | 2 | 0 | 1 | 8 | 3 | +5 | 6 |
| Тунис | 3 | 1 | 0 | 2 | 5 | 8 | -3 | 3 |
| Панама | 3 | 0 | 0 | 3 | 2 | 11 | -9 | 0 |
Група Х:
| Репрезентација | Н | П | Н | П | П | П | Р | Поени |
|---|
| Колумбија | 3 | 2 | 0 | 1 | 5 | 2 | +3 | 6 |
| Јапонија | 3 | 1 | 1 | 1 | 4 | 4 | 0 | 4 |
| Сенегал | 3 | 1 | 1 | 1 | 4 | 4 | 0 | 4 |
| Полска | 3 | 1 | 0 | 2 | 2 | 5 | -3 | 3 |
Осминафинални натпревари
По завршувањето на натпреварите во групите Г и Х, познати се и последните учесници во осминафиналето на СП Русија 2018.
Според шемата Г1-Х2 и Г2-Х1, во осминафиналето на 2 јули ќе се сретнат репрезентациите на Белгија и Јапонија, а на 3 јули репрезентациите на Англија и Колумбија.
Денеска е ден за одмор, а осминафиналните натпревари започнуваат на 30 јуни.