Dejan Maksimoviç
26 Јуни 2018•Ажурирај: 27 Јуни 2018
МИЛАН (АА) - Белгискиот фудбалер Раџа Наинголан премина од Рома во редовите на Интер за обештетување од 24 милиони евра и за двајца играчи во замена, Николо Заниоло и Дејвид Сантон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од миланскиот клуб денес соопштија дека играчот од среден ред потпишал четиригодишен договор.
„Наинголан е официјално играч на Интер. Белгиецот го потпиша договорот со „нерозурите“ до јуни 2022 година. Сега, кога сосема созреа како играч, време е да се прифатат новите и возбудливи предизвици во дресот на Интер. Раџа, добре дојде во градот Милано“, објавено е на официјалната интернет-страница на Интер.
Од Рома потврдија дека дошло до реализација на трансферот на 30-годишниот фудбалер, во вкупна вредност од 38 милиони евра, што ја вклучува и вредноста на Заниоло и Сантон. Додадоа дека во случај на иден трансфер на Наинголан, на римскиот клуб му припаѓа 10 отсто обештетување.
Наинголан, дресот на Рома го носеше четири и пол сезони, за чие време одигра 201 официјален натпревар и постигна 33 гола. Претходно играше за Пјаченца и Каљари. Во дресот на репрезентацијата на Белгија запиша 30 настапи со 6 погодоци.