Dejan Maksimoviç
04 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
САУТЕМПТОН (АА) - Ралф Хасенхутл се договори да потпише договор на две и пол години со Саутемптон, јавуваат британските медиуми, пренесува Anadolu Agency (АА).
Австрискиот тренер на клупата на „светците“ ќе го наследи Марк Хјуз, кој во текот на викендот доби отказ, по ремито од 2:2 со Манчестер Јунајтед, со што низата без победа во Премиер лигата ја продолжи на дури девет натпревари.
Хасенхутл во Англија треба да допатува утре за да ги договори деталите од договорот кој ќе трае до летото 2021 година, а потоа во Лондон на „Вембли“ ќе присуствува на средбата помеѓу Саутемптон и Тотенхем. Тој натпревар од клупата ќе го води привремениот менаџер Келвин Дејвис.
Австриецот изгради име на тренер во германскиот РБ Лајпциг, кој во првата сезона од клупата го доведе до второто место во Бундес лигата. Но пласманот во минатата сезона на шестата позиција не ги задоволи челниците на клубот, па затоа не му го продолжија договорот. Освен во Лајпциг, 51-годишниот Хасенхутл беше тренер и во Унтерхахинг, Ален и Инголштат.