16 Јули 2019•Ажурирај: 17 Јули 2019
ПАРИЗ (АА) - Бразилскиот интернационалец Нејмар ја извести управата на Пари Сен Жермен (ПСЖ) дека сака да го напушти клубот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нејмар во понеделникот разговарал со спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо Араужо, кој се обидел да го убеди да остане во клубот.
Иако бразилскиот репрезентативец не потврди каде сака да ја продолжи кариерата, медиумите шпекулираат дека најверојатно ќе се врати во Барселона каде што играше до пред две години.
Бразилецот неодамна ги пропушти подготовките на актуелниот шампион на Франција, поради што е казнет со 375.000 евра.
Леонардо неодамна изјави дека Нејмар може да го напушти клубот, доколку ПСЖ добие адекватна понуда.
Нејмар дојде во ПСЖ од Барселона за рекорден трансфер од 222 милиони евра. Тој за ПСЖ одигра 58 натпревари и постигна 51 погодок.