Zülfiya Yakup
19 Август 2016•Ажурирај: 20 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - На освојувачот на олимпиското злато, џудистката Мајлинда Келменди, денес во Министерството за култура, млади и спорт во Косово ѝ е врачена државната награда за врвни спортски резултати во вредност од 100 илјади евра, јавува Anadolu Agency (АА).
На нејзиниот тренер Дритон Куки му беа доделени 50.000 евра. На втората косовска џудистка Нора Ѓакова, која не освои ниту еден медал, доделено ѝ е специјално признание во вредност од 5.000 евра за постигната олимписка норма.
Најдобрата косовска спортистка Мајлинда Келменди, која влезе во историјата како освојувач на првиот олимписки медал за Косово, изјави дека по враќањето од Рио, за разлика од претходно, со тренерот не разговарала за финансиите, бидејќи нема пари со кои може да се плати чувството од освојувањето на златото на Олимпијадата“.
Таа се заблагодари на косовскиот министер на спорт за поддршката и на сите луѓе што ја поддржувале.
„Мислам дека ова не е мојот последен голем медал, имам уште многу работа да направам“, рече џудистката.
Тренерот Кука се заблагодари за наградата и му се заблагодари на министерот за постојаната поддршка: „Верувам дека сите заедно и по овој златен медал ќе имаме малку подобар статус во однос на другите“.
Тој истакна дека по освојувањето на златото, Мајлинда во светските медиуми е претставувана како најдобрата олимписка приказна кога било“.
Косовскиот министер за млади и спорт, Кујтим Шала, изрази надеж дека успехот на Мајлинда е само почеток на големите резултати на меѓународната спортска сцена за косовските спортисти, и рече дека очекува Мајлинда ваквиот резултат да го повтори и да ѝ се придружат и другите спортисти.
„Церемонијата денес и наградата што ја добивте е ваша заслуга, а наша обврска. Ова не е заслуга на Владата и на државата Косово, ова е заслуга на вашата работа и наградата ќе ја добиете според законот“, рече Шала.
Тој нагласи дека Министерството работи на категоризација на спортовите и спортистите според врвните резултати, и тоа во текот на септември ќе биде завршено, додека во соработка со Џудо сојузот на Косово и општината Пеќ, започната е процедура наредната година да почне изградбата на национален џудо-центар во Пеќ, родниот град на Мајлинда Келеменди.
Мајлинда досега двапати била светски и трипати европски шампион во џудо во категоријата 52 килограма.