Dejan Maksimoviç
03 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
МАНЧЕСТЕР (AA) – Жозе Мурињо, менаџер на Манчестер јунајтед, за британските медиуми откри дека бил изненаден кога летово му е понудено да го донесе Немања Матиќ, тогаш извонреден играч на Челзи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Португалскиот тренер не ја пропушти таквата можност и за 40 милиони фунти (околу 45 милиони евра), го доведе Матиќ, со кој веќе соработуваше во Челзи. Во досегашните десет натпревари од Премиер лигата, репрезентативецот на Србија на теренот ја помина секоја минута.
„Бев изненаден кога агентот на Матиќ ме повика и ми рече: Дали го сакате? Бев изненаден, но тоа е агент кого добро го познавам. Многу е директен и објективен, не губи време. Не е тип на агент што се обидува да ги искористи луѓето за да ги заинтересира за играч, за да му ја подобри состојбата во клубот. Станува збор за многу едноставен човек и штом ми го понуди Матиќ, реков дека секако го сакам“, рече Мурињо.
Матиќ во два наврати беше член на Челзи од 2009 до 2011 година, но тогаш немаше многу настапи, а потоа од 2014 до 2017 година стана еден од клучните играчи. В недела, заедно со Мурињо и со Хуан Мата, соиграч од Манчестер јунајтед, се враќа на Стемфорд бриџ. Дербито од 11. коло од Премиер лигата ќе се игра в недела. Манчестер јунајтед е втор на табелата со 23 бода, а Челзи е на четвртата позиција со 19 бода.