Dejan Maksimoviç
18 Мај 2019•Ажурирај: 20 Мај 2019
МАДРИД (AA) – Шпанскиот фудбалер Алваро Мората изјави дека не размислува за враќање во Челзи и дека ќе направи сѐ за да остане во Атлетико Мадрид со години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мората на 18-месечната позајмица во клубот од детските денови дојде во јануари оваа година, но во летото 2020 година би требало да се врати во Челзи. Меѓутоа, одличниот 26-годишен напаѓач вели дека за тоа не сака ниту да размислува.
„Она што е потполно јасно е дека сакам да играм тука. Ќе направам сѐ што можам да продолжам да играм тука. Направив сѐ што можев да дојдам, така ќе направам сѐ и да останам. Не размислувам за тоа да се вратам каде било, туку само за тоа да останам во Атлетико. Среќен сум тука, сакам да останам со години и да играм на највисоко ниво“, рече Мората.
Шпанскиот напаѓач од доаѓањето во Атлетико одигра 17 натпревари и постигна 6 гола.
Мората професионалната кариера ја започна во Реал Мадрид. По четири години во „кралскиот клуб“ премина во Јувентус, за по две сезони повторно да се врати на „Сантијаго Бернабе“. Но не се задржа долго, бидејќи само по една година го купи Челзи за околу 70 милиони евра. Но не беше среќен во дресот на овој тим и одлучи да отиде на позајмица во Атлетико.
Во дресот на репрезентацијата на Шпанија досега одигра 29 натпревари и постигна 15 гола.