Alma Çekovic
20 Август 2017•Ажурирај: 20 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Менаџерот на Челзи во Лондон, Антонио Конте, изјави дека сака да остане на клупата на „Сините“ уште многу години, јавува Anadolu Agency (AA).
Конте во Челзи пристигна минатото лето, а со клубот е обврзан со тригодишен договор. Како што рече, предизвикот е да се остане во клубот што е можно подолго и да се игра на новиот стадион.
„Ова може да биде голем предизвик за мене, но исто така и за клубот - да останеме заедно и да играме на новиот стадион“, рече италијанскиот експерт.
Последниот менаџер кој четири години остана во Челзи, беше Џон Нил помеѓу 1981 и 1985 година.
„Сакам да го соборам овој лош рекорд. Морам да бидам позитивен. Се надевам дека ќе останам во клубот уште многу години. Искрено, новиот стадион ќе биде преубав, но јас навистина го сакам Стемфорд Бриџ. Овој стадион е како мојата куќа“, изјави Конте.
Лондонскиот градоначалник Садик Кан му одобри план на Челзи за доградба на стадионот „Стемфорд Бриџ“ што ќе го зголеми капацитетот од сегашните 41.663 на 60.000 места.
Челзи планира да инвестира околу 500 милиони фунти за проширување на стадионот, а работите треба да бидат завршени до летото 2021 година.