Лионел Меси по 8. пат е освојувач на „Златна топка“
- Во Париз синоќа се одржа свечена церемонија на доделувањето на 67. „Златна топка“, а Меси е избран за најдобар фудбалер во светот, пред Ерлинг Халанд, кој настапува во Манчестер Сити, и пред Килијан Мбапе, кој ги брани боите на Париз Сен Жермен.

ПАРИЗ (АА) - Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси (36), кој во моментов игра за американскиот фудбалски клуб Интер Мајами, по 8. пат во својата кариера го освои најголемото индивидуално признание во фудбалот „Златна топка“, кое му се доделува на најдобриот фудбалер во светот во избор на француското списание „Франс фудбал“, известува Анадолу.
Во француската престолнина Париз синоќа се одржа свечена церемонија на доделувањето на 67. „Златна топка“, а Меси е избран за најдобар фудбалер во светот, пред Ерлинг Халанд, кој настапува во Манчестер Сити, и пред Килијан Мбапе, кој ги брани боите на Париз Сен Жермен.
На листата на номинирани фудбалери за наградата „Златна топка“ се најдоа вкупно 30 играчи.
Аитана Бонмати, фудбалерка на Барселона и на женската репрезентација на Шпанија, освои „Златна топка“ во конкуренцијата на фудбалерки.
Ерлинг Халанд, напаѓачот на Манчестер Сити, го освои трофејот „Герт Милер“, наменет за најдобриот напаѓач на годината.
Манчестер Сити е прогласен за најдобар клуб на годината, а Барселона ја освои титулата најдобар женски клуб на годината.
Емилијано Мартинез, голман на Астон Вила и на репрезентацијата на Аргентина, добитник е на трофејот „Јашин“, наменет за најдобриот голман на годината.
Трофејот „Копа“, наменет за најдобриот млад играч, го освои Џуд Белингам, фудбалер на Реал Мадрид.
- „Златна топка“
„Златна топка“ е поединечна годишна фудбалска награда што ја доделува француското списание „Франс фудбал“ (Балон д'Ор). Оваа награда се доделува од 1956 година, иако од 2010 до 2015 година, по договорот со ФИФА, беше споена со наградата на ФИФА за играч на годината. Меѓутоа, партнерството заврши во 2016 година, по што наградата премина на Балон д'Ор, а ФИФА се врати на својата посебна годишна награда.