Dejan Maksimoviç
05 Септември 2019•Ажурирај: 07 Септември 2019
ЛОНДОН (АА) - Клубовите на петте најголеми европски фудбалски лиги во летниот преоден рок потрошија 5 милијарди фунти (околу 5,54 милијарди евра), што е за 800 милиони фунти (887 милиони евра) повеќе отколку во претходниот рекорд од 2018 година, објави „Дилоит“(Deloitte) на Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Најмногу потрошија клубовите од Премиер лигата на Англија, иако нивниот преоден рок траеше најкратко, до 8 август, додека во останатите лиги е завршен дури на 2 септември. Сепак, тоа им беше доволно да потрошат 1,41 милијарда фунти (1,56 милијарда евра).
По нив следуваат шпанската Ла лига со потрошени 1,24 милијарда фунти (1,37 милијарда евра), со што ја удвоија потрошувачката во однос на 2017 година, пренесуваат британските медиуми за истражување на „Дилоит“.
Италијанските, германските и француските клубови трошеа помалку, но исто така достигнаа рекордна потрошувачка во преодниот рок. Во Серијата А се потрошени 1,06 милијарда фунти (1,17 милијарда евра), во Бундеслигата 670 милиони фунти (743 милиони евра) и во Лига 1, 605 милиони фунти (670 милиони евра).
Најскапиот трансфер ова лето е забележан во Шпанија, каде што Атлетико Мадрид за Жоао Феликс на лисабонскиот клуб Бенфика му плати 113 милиони фунти (125 милиони евра). Шпанските клубови остварија втор и трет трансфер по вредност. Имено, станува збор за Барселона и Реал Мадрид. Барса на Атлетико Мадрид за Антоан Гризман му платила 108 милиони фунти (120 милиони евра), а „кралскиот клуб“ на Челси за Еден Хазард му плати 90 милиони фунти (100 милиони евра).
Во Премиер лигата на Англија најскап трансфер беше преминот на Хари Меквир од Лејчестер Сити во Манчестер Јунајтед - 80 милиони фунти (89 милиони евра).
Во Италија доаѓањето на Ромелу Лукаку од Манчестер Јунајтед Интер го чинеше 74 милиони фунти (82 милиони евра), во Германија најскап беше Лукас Ернандез, кој од Атлетико Мадрид во Баерн Минхен премина за 68 милиони фунти (75 милиони евра), а во Франција сопственик на рекордниот трансфер ова лето е Монако, кој Висам Бен Једер го доведе од Севилја за 36 милиони фунти (40 милиони евра).