Dejan Maksimoviç
09 Март 2018•Ажурирај: 10 Март 2018
РИМ (AA) - Италијанските спортски медиуми, меѓу кои и „Corriere della Sera" тврдат дека Џанлуиџи Буфон, голманот на торинскиот Јувентус, донесе одлука дека на крајот на сезоната ќе ја заврши професионалната кариера, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во медиумите се истакнува дека објавата за завршување на кариерата на Буфон наскоро треба да биде објавена, многу порано отколку што тоа се очекувало.
Иако Луиџи Ди Бјаџо, привремениот селектор на репрезентацијата на Италија, неодамна изјави дека Буфон заслужи подобро простување од дресот на „Аѕурите" отколку што тоа е елиминација во бараж за Светското првенство од Шведска, се чини дека легендарниот голман нема да го прифати повикот за два пријателски натпревари во март.
Додаваат дека причина поради која Буфон ќе одбие да продолжи да брани за репрезентацијата на Италија е тоа што повеќе не сака да им го зазема местото на младите колеги.
Буфон уште има шанса на извонреден начин да ја заврши кариерата. Со Јувентус стаса до финале на Купот на Италија и четвртфиналето на Лигата на шампионите, а во Серија А води голема борба со Наполи за шампионската титула.
Одличниот 40-годишен голман, Буфон, професионалната кариера ја започна 1995 година во Парма од која во 2001 година премина во Јувентус за обештетување од 52 милиони евра.
После тоа и понатаму е најскапиот платен голман на светот во историјата на фудбалот. Но, на Јувентус таа инвестиција и се исплати, бидејќи Буфон веќе 17 сезони е незаменлив на голот на најтрофејниот италијански клуб. Собори низа рекорди. Голман е со највеќе настапи во Серија А, а до сега имаше 632 настапи, на вечната листа на сите играчи пред него е само Паоло Малдини со 647 одиграни натпревари.
Со 175 натпревари, Буфон е личност која навеќе пати го носеше дресот на националниот тим на Италија. Еден е од тројцата фудбалери кои играа дури на четири светски првенства.
Доби низа поединечни признанија во Италија и Европа, а со Јувентус и Парма освои се што може да се освои, дури и Серија Б, но не и Лигата на шампионите. Со Италија беше светски шампион 2006 година во Германија, а шест години подоцна вицешампион на Европа.