Dejan Maksimoviç
13 Април 2018•Ажурирај: 14 Април 2018
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Џани Инфантино, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), искажа желба бројот на репрезентациите на Светското првенство 2022 година во Катар, да се зголеми од 32 на 48, што би можело да значи дека натпреварите ќе се играат и во уште неколку земји на Персискиот Залив, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во јануари минатата година, ФИФА донесе одлука дека од Мундијалот 2026 година ќе го зголеми бројот на репрезентациите на 48, но сега Јужоамериканската фудбалска конфедерација (CONMEBOL) предложи да се забрза овој процес. Според британските медиуми, се очекува да се спроведат неофицијални разговори со официјални претставници на Катар, со цел да се проценат шансите за реализација на таквиот план. Јасно е дека организаторот на СП ќе се соочи со голем број логистички и практични проблеми, со оглед дека треба да угости уште 16 репрезентации.
Исто така, ФИФА ќе спроведе сопствено истражување за да утврди дали овој план е изводлив.
„Идејата ми изгледа многу интересна. Мора сериозно да ја анализираме, и ако е изводлива, зошто да не се направи тоа“, се запраша Инфантино по состанокот со челниците на КОНМЕБОЛ во Буенос Аирес, и додаде:
„Цврсто верувам во зголемувањето на бројот на репрезентации, бидејќи сум уверен дека тоа е добро за развојот на фудбалот. Затоа предложивме и усвоивме на Светското првенство во 2026 година да учествуваат 48 репрезентации.“
Катар планира да изгради осум стадиони, што е за четири помалку од бројот што ќе мора да го има домаќинот на СП во 2026 година. Мундијалот во Катар 2022 година ќе се игра 28 денови во ноември и декември, бидејќи е поместен од стандардниот термин за одигрување во летните месеци поради преголемите жештини кои тогаш владеат во малата заливска земја богата со плин и нафта.