Dejan Maksimoviç
25 Септември 2019•Ажурирај: 29 Септември 2019
МАДРИД (АА) - Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, на почетокот од оваа сезона се наоѓа под голем притисок поради малку послабите резултати. Пред вечерашниот дуел со Осасуна на „Сантијаго Бернабеу“, тој изјави дека тоа е сосема нормално и дека секогаш кога Реал губи тој е на излезната врата, а кога победува тој е сигурен на клупата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Клубот на „кралевите“ по тешкиот пораз во Лигата на шампиони од Париз Сен Жермен со резултат од 3:0 во шпанското првенство стигна до важна победа на гости кај Севиља (1:0).
„Кога ќе изгубиме тогаш заминувам, а кога ќе победиме, останувам тука. Отсекогаш било така, и така ќе биде и понатаму. Играме против Осасуна и ќе видиме што ќе се случи. Мора да играме одлично, со истиот интензитет и желба. Тоа ме интересира. За да победите на натпревар, мора да играте навистина добро сите 90 минути. Екипите кои играат добро се на врвот. Во оваа лига може да се случи сешто бидејќи секогаш била изедначена. Тоа е добро. Тоа бара од секој тим многу во секој натпревар“, рече Зидан.
И покрај лошата игра, Реал е на врвот на табелата на шпанската Ла Лига заедно со Гранада, која има натпревар повеќе, и со Атлетико Билбао со по 11 бода.
Мечот Реал - Осасуна ќе се игра вечерва со почеток во 21 часот.