Dejan Maksimovic
20 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
МАДРИД (АА) - Францускиот тренер Зинедин Зидан го продолжи договорот со Реал Мадрид, кој истекува на крајот од тековната сезона. Иако клубот не го официјализира продолжувањето на соработката со тренерот, тоа го потврди Зидан за шпанските медиуми, но не откри на колкав период е договорот, јавува Anadolu Agency (AA).
Зидан за само 18 месеци на клупата на „кралскиот клуб“ двапати ја освои Лигата на шампионите и Супер Купот на Европа, потоа, по едно Светско клупско првенство, Супер Купот и титулата шампион на Шпанија.
Реал во последните неколки недели ги обнови договорите со многумина играчи, а истото го стори и со Зидан.
„Што се однесува до обновувањето на договорот, тоа веќе е направено, но тоа не значи ништо. Мене ме интересира само денешницата и подалеку од тоа не гледам, тоа би било премногу комплицирано“, нагласи Зидан.
Реал по четири кола од шпанската Ла Лига се наоѓа на петтото место со освоени осум поени, седум помалку од Барселона, која има еден натпревар повеќе. „Кралскиот клуб“ вечерва на Сантијаго Бернабеу ќе биде домаќин на Реал Бетис, со почеток во 22 часот.