Dejan Maksimoviç
11 Јануари 2019•Ажурирај: 13 Јануари 2019
МЕЛБУРН (АА) - Британскиот тенисер Енди Мареј објави дека ќе се повлече од професионалниот тенис по Вимблдон, но додаде дека не е исклучена можноста Австралија Опен, кој почнува за неколку дена, да биде негов последен турнир во кариерата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Некогашниот светски рекет број 1, пред почетокот на првиот Гренд слем турнир оваа сезона во Мелбурн, го шокираше светот со најавата дека заминува во пензија поради проблеми со повредата на колкот, која го мачи веќе подолго од година и пол.
Тој рече дека е одлучен да ја продолжи кариерата и да се обиде да ги издржи двете недели од Вимблдон ова лето, но додаде дека не е сигурен дали ќе успее во тоа.
„Очигледно е дека многу долго се борам со оваа повреда, веќе 20 месеци имам силни болки. Направив сѐ што можев за да се опоравам од повредата на колкот, но тоа не помогна да се намали оптоварувањето. Во подобра позиција сум од онаа пред 6 месеци, но уште имам силни болки. Ќе играм. И понатаму можам да играм до одредено ниво, но не и на она ниво на кое сум среќен кога играм. Меѓутоа, не станува збор само за тоа. Болката е неподнослива и навистина не сакам да продолжам да играм на ваков начин“, рече Британецот.
Мареј истакна дека за сѐ разговарал со својот тренерски тим во текот на тренингот на Флорида минатиот месец и истакна дека има намера да учествува на Вимблдон и потоа да се пензионира.
Извонредниот 31-годишен тенисер во текот на кариерата освои 3 Гренд слем турнири, на двапати Вимблдон (2013 и 2016 година) и еднаш УС Опен (2012 година). Во својата кариера освои вкупно 45 АТП-турнири.