Hatice Özdemir Tosun
10 Јануари 2019•Ажурирај: 12 Јануари 2019
АНТАЛИЈА (АА) - Хатиџе Оздемир Тосун
Анталија, главниот град на туризмот во Турција, доживува активен период во спортскиот туризам. Во периодот јануари - април, кој е период за подготовки на спортските екипи, се очекува Анталија да биде домаќин на околу 3.000 спортски екипи, од кои 90 отсто се од странство.
Анталија, која е една од значајните туристички дестинации во светот и во 2018 година го урна рекордот на сите времиња со 13 милиони 642 илјади странски туристи, ја доживува златната доба во спортскиот туризам.
Претседателот на Здружението за спортски туризам, Реџеп Шамил Јашаџан, за АА изјави дека во Анталија, која има повеќе од 170 фудбалски стадиони, овој месец турските и странските фудбалски тимови ги започнале своите спортски подготовки.
Јашаџан информираше дека Анталија ќе биде домаќин на фудбалски тимови од турската Супер лига, на нејзините пониски лиги, на фудбалски тимови од странство и на спортски екипи од другите спортски гранки, вкупно на 3.000 спортски екипи. „Предминатата година бевме домаќини на 1.500 екипи, минатата угостивме повеќе од 2.000, а оваа година со извршените резервации се приближуваме до бројката од 3.000. Задоволни сме од сезонава, не остана празен простор на нашите терени, има екипи што сакаат да дојдат, но принудени сме да им кажеме ’нема место‘“, рече Јашаџан.
Претседателот на Здружението за спортски туризам, Јашаџан, информираше дека не станува збор само за фудбалски тимови, туку дека во Анталија на подготовки доаѓаат и тениски, пливачки и особено голф-клубови. Тој истакна дека Анталија има 7 олимписки пливачки базени, затворени спортски сали, голф-терени, на кои се организираат меѓународни натпревари.
- „Многу е тешко да нѐ достигне конкуренцијата“
Јашаџан рече дека 90 отсто од екипите што доаѓаат на подготовки во Анталија се од странство и додаде „Доаѓаат квалитетни клубови. Тука се клубови од Белгија, Холандија, Данска, Русија, Чешка, Словенија, Унгарија, Бугарија, Казахстан, Романија, Узбекистан. Доаѓаат дури и Ерменците, целата лига е тука. Лигата на Ерменија може да се одигра тука. Големите германски клубови не дојдоа годинава, но направија резервација за идната година.“
Посочувајќи дека Анталија е идеална локација за подготовки, Јашаџан рече „Вакви услови нема никаде. Регионот за нив е многу важен. Анталија секогаш е прв избор на екипите. Нашите конкуренти, како што се Шпанија, Португалија, Јужен Кипар, Дубаи, Катар, тешко можат да нѐ достигнат.“
- Во Анталија нема „мртва“ сезона
Јашаџан информираше дека сезоната за спортскиот туризам во Анталија трае 12 месеци. Тој рече дека претходно во зимскиот период хотелите се затворале, а дека сега „Со спортскиот туризам, хотелите остануваат отворени 12 месеци, вработените ја земаат својата плата, трговците ја продаваат својата стока. Благодарение на спортскиот туризам, не останува „мртва“ сезона во Анталија.“
Според него, тимовите кои доаѓаат на подготовки во Анталија прават најдобра промоција на Турција, а спортистите што пристигнуваат во Анталија, преку своите профили на социјалните мрежи ги споделуваат снимките од тука, кои потоа ги гледаат илјадници лица.
Јашаџан истакна дека спортскиот туризам дава позитивен придонес за перцепцијата на странците кон Турција, и додаде „Тимовите што доаѓаат тука можат да видат дека Турција е сигурна земја и прават резервација и за следната сезона.“