Dejan Maksimoviç
02 Мај 2018•Ажурирај: 02 Мај 2018
РИМ (АА) - Еузебио ди Франческо, тренерот на Рoма вели дека Един Џеко е еден од талисманите на неговиот тим и дека се надева дека во реваншот во полуфиналето од Лигата на шампионите против Ливерпул, босанскиот напаѓач би можел да го режира враќањето на „волчицата", пренесува Anadolu Agency (AA).
Од првата средба, „црвените" имаат голема предност од 5:2, но Ди Франческо не сака однапред да се предаде.
Стратегот на Римјаните најави отворен натпревар, со цел по елиминацијата на Барселона, да се обидат да направат уште едно чудо.
„Ако играте со намера да постигнете голови, тогаш треба правилно да ги читате опасните ситуации. Ако ја изгубите топката, ќе имате проблеми. Мора да направите што е можно помалку грешки. Ние мора да ги искористиме нивните грешки најдобро што можеме, и да направиме помалку од нив", рече Ди Франческо, додавајќи дека е добра работа што реваншот се игра на Олимпико:
„На нашите домашни натпревари во Лигата на шампионите, на противниците им дадовме многу малку шанси. Ние им дозволивме малку и бевме клинички прецизни кога требаше да ги повредиме. Се надевам дека ќе го направиме тоа против Ливерпул. Повторувам, тоа нема да биде лесно, но ние мора да веруваме во себе, со сета страст што е во нас".
Ди Франческо е свесен дека играчите на теренот ќе одлучат кој ќе се квалификува за финалето, а изрази надеж дека прославата на неговиот тим може да ја донесе Џеко и Раџа Наинголан.
„Џеко е еден од нашите талисмани. Се надевам дека, како што Мохамед Салах заблеска на првиот натпревар, Џеко овој пат ќе го одбележи нашето враќање. Играч со неговиот квалитет и способности треба да ја преземе одговорноста. Се надевам дека Наинголан ќе го стори истото", рече тренерот на римскиот клуб.
Натпреварот Рома - Ливерпул ќе се игра вечерва на Олимпико со почеток во 20.45 часот.
Пласманот во финалето во Лигата на шампионите синоќа го оствари Реал Мадрид откако на Сантијаго Бернабеу одигра 2:2 со Баерн. Во првиот натпревар, „кралскиот клуб" славеше со 2:1. Финалето на најсилниот европски клубски натпревар ќе се одигра на 26 јуни на Олимпискиот стадион во Киев.