Dejan Maksimovic
23 Февруари 2023•Ажурирај: 28 Февруари 2023
ЗАГРЕБ (АА) – Дејан Ловрен, фудбалерот на Олимпик Лион, денеска се прости од дресот на репрезентацијата на Хрватска, јавува Анадолу.
Искусниот 33-годишен дефанзивец одлуката до хрватската јавност ја соопшти во емотивно писмо кое го објави и Хрватскиот фудбалски сојуз. Претходно за својата одлука Ловрен го известил и селекторот на репрезентацијата, Златко Далиќ, како и претседателот на ХФС, Маријан Кустиќ.
„Драга репрезентацијо, драги верни навивачи, би сакал да ви се обратам со не многу радосни вести, но верувајте, оваа одлука ја донесов со отворено срце и по долго размислување. Ова многу тешко ми паѓа, и додека го пишувам ова, се обидувам да не заплачам, но вие веќе добро ме познавате како човек со срце и нескриени емоции. Дојде и тој ден кога морам да се поздравам и да ѝ кажам збогум на хрватската репрезентација, иако сѐ уште се гледам себеси како жесток навивач кој секогаш ќе ја бодри својата репрезентација“, наведе, меѓу другото, Ловрен во писмото.
Дејан Ловрен, кој е роден во Зеница, ја започна кариерата во загрепски Динамо, а во текот на кариерата играше и за Интер Запрешиќ, Олимпик Лион, Саутемптон, Ливерпул и Зенит Ст. Петербург.
Во дресот на репрезентацијата на Хрватска, со која го освои светското сребро во 2018 година и бронзата во 2022 година, одигра 78 натпревари и постигна 5 гола.