Husamedın Gına
13 Февруари 2020•Ажурирај: 14 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Северна Македонија го означи стартот на ваучерскиот систем за поддршка на спортот во 2020 година, со што нови 10 милиони евра се распределени за спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на преодната Влада на Северна Македонија, Оливер Спасовски, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, денеска одржаа заедничка прес-конференција, на којашто го најавија стартот на ваучерскиот систем со кој ќе се обезбедат повеќе средства за спортот.
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, истакна дека ваучерот од дополнителни 10 милиони евра ќе придонесе за создавање квалитетни услови за врвни остварувања во спортот.
„Дополнителните 10 милиони евра преку ваучерскиот систем стигаат до крајните корисници, националните спортски федерации, клубовите и индивидуалните спортисти од олимписки и неолимписки спортови за создавање квалитетни услови за врвни остварувања во клупскиот и во индивидуалниот спорт“, нагласи премиерот Спасовски.
Тој, исто така, рече дека со последните доделени средства опфатени биле речиси илјада спортски субјекти и спортисти кои добиле ваучери и поддршка од државниот буџет.
„Со ваучерскиот систем“, како што истакна премиерот Спасовски, „приватните компаниите 50 отсто од данокот на добивка имаат можност да го инвестираат директно во спортот, а тоа значи подигнување на нивото на развој за квалитетот на спортот и зголемување на финансиската моќ на спортските клубови.“
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски изјави дека нови 10 милиони евра ќе бидат распределени за спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти. Тој рече дека со овој проект се овозможува секој спортски субјект да биде атрактивен и посакуван партнер за успешните компании.
Каевски, исто така, упати апел до сите приватни компании коишто остваруваат добивка да бидат општествено одговорни, да реализираат што е можно поголем број на ваучери, а со тоа да дадат дополнителна вредност на спортот во Северна Македонија.