Dejan Maksimoviç
30 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
БУЕНОС АИРЕС (AA) – Диего Армандо Марадона, за кого сметаат дека е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, во родниот град Буенос Аирес има музеј, кој е отворен во негова чест, пренесува Anadolu Agency (AA).
Познато е дека Марадона во Аргентина е една од омилените јавни личности. Славниот „мал зелен“, како што некои го нарекувале, на Аргентинците им ја донесе титулата „светски шампион“ во 1986 година во Мексико. Колку е популарен во родната земја, најдобро илустрира Музејот D10S, кој пред две години во чест на Марадона е отворен во Буенос Аирес.
Станува збор за куќа во која семејството на Марадона живеело во периодот од 1977 до 1980 година, кога Диего бил тинејџер. На спратот се наоѓа соба во која фудбалерот го поминувал слободното време, а посетителите имаат можност да престојуваат во собата во која Марадона живеел со семејството.

Во Музејот се прикажани повеќе од 2.000 интимни и лични предмети кои му припаѓале на поранешниот аргентински репрезентативец.
Овие денови Марадона не се спомнува во убаво светло поради неговото однесување на трибините во текот на натпреварите на неговата Аргентина на Светското првенство во Русија.
Поради несоодветното однесување, од Светската фудбалска федерација (ФИФА) најавено е дека би можеле да му ги одземат правата кои моментално ги ужива во планетарната куќа на фудбалот. Имено, Марадона, за присуство на натпреварите, од ФИФА добива хонорар од 15.000 евра и ужива многу други бенефиции.
Марадона е роден на 30 октомври 1960 година во Буенос Аирес. Професионалната кариера ја започнал во 1976 година во Аргентинос Јуниорс, а потоа играше за Бока Јуниорс, Барселона, Наполи, Севилја и Невелс Олд Бојс. Во дресот на Аргентина одигра 91 натпревар и постигна 34 гола.