Emrah Oktay
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
ИЗМИР (АА) - Јаспер Филипсен од белгискиот тим „Алпесин-Феникс“, кој победи на третата етапа на 57. Претседателска велосипедска турнеја низ Турција и стана лидер во генералниот пласман, истакна дека имал успешен ден, јавува Агенција Анадолија (АА).
На третиот ден од велосипедската трка организирана од Турската велосипедска федерација под покровителство на Претседателството, заврши етапата Чешме - Измир долга 121,8 километри.
Филипсен, кој го презеде водството во генералниот пласман по завршувањето на третата етапа што траеше приближно 2,5 часа, одржа прес-конференција.
Потсетувајќи дека утрешната 4-та етапа од турнејата ќе биде искачување, 24-годишниот белгиски велосипедист рече: „Денес постигнав доволна брзина. Во подобра состојба сум во споредба со минатата година.“
Истакнувајќи дека „Tour of Türkiye“ е многу добра трка за спринтери, Филипсен рече: „Не планирав да дојдам во Турција оваа година. Бидејќи имаше класици и други трки. Потоа, избрав да дојдам затоа што во Турција има повеќе спринтерски етапи. Не бев успешен во спринтовите во првите 2 дена. Во моите нозе не можев да ја постигнам силата што ја сакав. Многу е важно нозете да бидат во најдобра состојба во овој вид спринтерска етапа. Денес беше тој ден и успеав да победам.“
Филипсен, кој минатата година ја освои зелената маичка што ја носи најдобриот спринтер, изјави дека сака да ја заштити титулата оваа година, а дека негов најголем ривал би можел да биде австралискиот велосипедист Кејден Александер Гровс од австралиската екипа „БајкЕксчејнџ-Џајко“.
Трката низ Турција во осум етапи се протега со вкупно растојание од 1.303 километри и треба да заврши во Истанбул на 17 април.
Натпреварувачите ќе ги сменат континентите на три места, од Азија кон Европа на шестиот ден, ќе се вратат на азиската страна на Истанбул во подоцнежните етапи и потоа ќе преминат назад кон европскиот дел на метрополата.
Шест тимови на „WorldTour“ се натпреваруваат за титулата оваа година, од три во претходното издание на трката, заедно со 12 професионални и седум континентални тимови.
Турската велосипедска федерација ја организира трката, претходно позната како „Мармара тур“, од 1963 година.
Трката доби меѓународен статус во 1965 година и беше ставена под покровителство на претседателството во 1966 година.
Претседателската велосипедска трка се пренесува во живо на „TRT Spor“, „Yildiz“ и „Eurosport“, додека Агенција Анадолија е помеѓу спонзорите на настанот од светски размери.