Ekipa
11 Април 2022•Ажурирај: 12 Април 2022
ЛОНДОН (АА) - Полицијата во Ливерпул во неделата потврди дека започнале истрага откако ѕвездата на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, удри едно момчe по раката и го скрши неговиот мобилен телефон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Манчестер Јунајтед претрпе шокантен пораз од 1:0 од Евертон во неделата на теренот во „Гудисон Парк“. Младото момче беше навивач на Евертон.
Снимката што се прошири на социјалните медиуми го покажува Роналдо при излегувањето од теренот низ тунелот, со навивачи од двете страни од оградата. Потоа тој удира едно момче по раката во која држеше мобилен телефон.
„На крајот од натпреварот навивачите на Манчестер Јунајтед започнаа да заминуваат. Ние бевме кај 'Парк Енд', веднаш до тунелот каде што поминуваа играчите, син ми ги снимаше сите“, изјави Сара Кели, мајката на Џејк, младиот навивач, за локалниот медиум „Ливерпул ехо“.
„Тој ги сними сите играчи на Јунајтед кои поминуваа покрај него. А потоа го спушти телефонот бидејќи Роналдо го повлекуваше чорапот затоа што ногата му крвавеше. Го спушти телефонот за да види што се случува, тој не ни прозборе“, рече таа.
„Тогаш Роналдо помина покрај нас, со ужасен став го скрши телефонот од раката на мојот син и продолжи да оди.“
„Плачев, бев во шок, Џејкоб беше во целосен шок, тој е аутистичен и исто така има диспраксија, па затоа тој точно не разбра што се случува сè додека не дојдовме дома. Тој е навистина вознемирен и тоа потполно ќе го одврати повторно да оди на натпревар“, додаде Кели.
Таа исто така сподели слика со „Ливерпул ехо“ на која се гледа модринка на раката на нејзиниот син.
Во соопштението, полицијата на Мерсисајд потврди дека тие се во контакт со Манчестер Јунајтед и Евертон по извештаите за наводниот напад.
„Кога играчите започнаа да го напуштаат теренот во 14:30, пријавено е дека момчето е нападнато од еден од играчите на гостинскиот тим додека го напуштале теренот“, се вели во соопштението.
Роналдо се извини за инцидентот на неговиот инстаграм-профил, велејќи: „Никогаш не е лесно да се справите со емоциите во тешки моменти, како со овој со кој се соочуваме.“
„Сепак, ние секогаш треба да се однесуваме со почит, со трпение и да дадеме пример за младите кои ја сакаат оваа убава игра“, напиша тој.
„Јас сакам да се извинам за мојот испад и доколку е можно би сакал да го повикам овој навивач да гледа натпревар на Олд Трафорд како знак на фер-плеј и спортски дух.“