Şenhan Bolelli
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
МАДРИД (АА) - Во 26. коло на шпанската фудбалска лига Ла лига се одигра дерби натпреварот меѓу екипите на Реал Мадрид и Барселона. Барселона на гостински терен во Мадрид успеа да избори минимална победа од 0:1, зголемувајќи ја бодовната разлика на табелата на 12 поени, пишува Anadolu Agency (AA).
Најдобрите шпански фудбалски екипи на Барселона и Реал Мадрид за 4 дена на двапати одиграа дерби натпревар, именуван и како „Ел класико“. Прво се сретнаа во полуфиналето на шпанскиот Кралски куп, натпревар на кој Барселона на домашен терен извојува победа од 3:0, додека синоќа, во рамките на 26. коло од шпанското фудбалско натпреварување Ла лига, Барселона во Мадрид извојува минимална победа од 0:1.
На натпреварот кој се одигра на стадионот „Сантјаго Бернабеу“, во 26. минута од натпреварот хрватскиот репрезентативец Иван Ракетиќ постигна погодок за Барселона и водство од 0:1, резултат кој остана непроменет до крајот на натпреварот. Во првиот дел од натпреварот, Серхио Рамос од Реал Мадрид во дуелот против Лионел Меси направи фаул, по што судијата му додели жолт картон. Фаулот на Рамос предизвика расправија меѓу играчите на теренот.
По оваа победа, Барселона има 60 бода во шпанската фудбалска Ла лига и убедливо е на врвот од табелата, пред Атлетико Мадрид, кој се наоѓа на втората позиција на табелата со 50 бода и 1 натпревар, кој денес ќе го одигра во 16:15 часот на гостински терен на Реал Сосиедад. Поразениот Реал Мадрид е третопласиран со 48 бода.
Победата што Барселона синоќа ја извојува против Реал Мадрид, ѝ донесе предност во вечното дерби Ел класико. Во меѓусебните дуели меѓу екипите на Барселона и Реал Мадрид, наречен Ел класико, овие две шпански екипи се сретнале 242 пати. По последната средба, Барселона има 96 победи, а Реал Мадрид 95, додена 51 натпревар завршил нерешено.
Сезонава овие две екипи одиграа 4 натпревари, на кои Барселона успеа на трипати да го совлада Реал Мадрид, а еден натпревар заврши без победник.