Dejan Maksimoviç
24 Ноември 2018•Ажурирај: 25 Ноември 2018
ДОРТМУНД (AA) - Фудбалскиот клуб Борусија Дортмунд одлучи да го купи Пако Алкасер од Барселона, по само неколку месеци откако шпанскиот фудбалер дојде на позајмица. „Милионерите“ ја активираа откупната клаузула во договорот за позајмица и на Барса ѝ платија 25,6 милиони евра, пренесува Anadolu Agency (AA).
Моменталниот лидер на германската Бундеслига, на позајмица го донесе Алкасер во август оваа година, со можност да го купи. Некогашниот фудбалер на Валенсија за само 9 натпревари за Борусија оваа сезона постигна дури 8 гола. Кога на тоа ќе се додаде дека поради проблем со повреда, бил стартер во само 4 меча, тогаш е јасно дека учинокот на Алкасер е извонреден. Шпанецот во просек постигнува погодок на секои 44 минути.
Одличната форма во која се наоѓа му донесе повик во репрезентацијата на Шпанија по две и пол години. Од враќањето во „црвената фурија“ постигна дури 3 гола во натпреварите со Велс и Англија.
Алкасер со Борусија потпиша договор до јуни 2023 година. Одличниот напаѓач, освен за Барселона, играше за Валенсија и кратко на позајмица за Гетафе. За репрезентацијата на Шпанија настапи 15 пати и постигна 9 гола.