Hüseyin Burak Demirer
16 Февруари 2021•Ажурирај: 22 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - На Австралија опен, првиот грен слем тениски турнир годинава, 114. тенисер на светската АТП-листа, Аслан Карацев, со 3:1 во сетови го совлада 18. носител на турнирот, Григор Димитров, и се пласираше во полуфиналето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во австралискиот град Мелбурн во тек се натпреварите од 9. натпреварувачки ден. На програмата се четвртфиналните дуели во машка конкуренција.
Рускиот тенисер Карацев, кој од 2013 година учествува на АТП-турнирите, продолжи со својата одлична игра на Австралија опен 2021 и против бугарскиот тенисер Димитров.
Димитров го освои првиот сет со 6:2, за потоа Карацев да ја преземе играта во свои раце и да поведе со 2:1, освојувајќи 2 сета со резултат 6:4 и 6:1. Поради болките во грбот на Димитров, четвртиот сет започна по медицинската пауза. Четвртиот сет Карацев го доби со 6:2 и извојува победа од 3:1, изборувајќи пласман во полуфиналето на Австралија опен.
Со овој успех, Карацев стана првиот машки тенисер кој во својот прв обид на еден грен слем турнир (од 1968 година досега) успеал да се пласира во полуфиналето.
Рускиот спортист во полуфиналето ќе игра против победникот од дуелот Новак Ѓоковиќ - Александар Зверев.
- Осака во полуфиналето против Вилијамс -
Во четвртфиналните дуели во женска конкуренција, третата носителка Наоми Осака се сретна со Сје Су-веј, 71. тенисерка на светската ранг-листа.
Во натпреварот што траеше 66 минути, Осака извојува победа од 2:0, (6:2, 6:2), и се пласираше во полуфиналето на Австралија опен, тенискиот турнир на кој победи во 2019 година.
Американската тенисерка Серена Вилијамс (10. носител) во вториот четвртфинален натпревар се сретна со Романката Симона Халеп, втората носителка на турнирот.
Вилијамс победи со 2:0 во сетови (6:3, 6:3) и се пласираше во полуфиналето на Австралија опен. Во полуфиналето Серена ќе игра против Осака.