Bilal Acar
19 Април 2021•Ажурирај: 19 Април 2021
ЛОНДОН (АА) - Дванаесет фудбалски клуба од Англија, Шпанија и Италија се договорија да формираат нов тип турнир под името „Европска супер лига“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Екипите на Манчестер Јунајтед, Челси, Ливерпул, Манчестер Сити, Тотенхем од Англија, Милан, Интер и Јувентус од Италија и Атлетико Мадрид, Барселона и Реал Мадрид од Шпанија се клубовите кои дадоа заедничко соопштение поврзано со формирањето на Европската супер лига.
Во соопштението се наведува дека во ова натпреварување, што треба да започне во најкус временски рок, се очекува да се приклучат уште 3 клуба.
Се наведува дека клубовите основачи на новата лига, со цел да се постигнат најдобри резултати, а и фудбалот како целина, со нетрпение очекуваат да се состанат со претставниците на УЕФА и ФИФА. Интересен е фактот дека формирањето на Европската супер лига се совпаѓа со периодот кога пандемијата на новиот тип коронавирус забрзано влијае врз нестабилноста во европската фудбалска економија.
Во соопштението се вели дека клубовите основачи веќе неколку години имаат за цел да го подобрат квалитетот и интензитетот на натпреварите во Европа и да создадат формат што ќе им овозможи редовно да се натпреваруваат со најдобрите клубови и нивните играчи. Покрај тоа, на клубовите основачи ќе им бидат исплатени вкупно 3,5 милијарди евра.
Во соопштението во кое се вклучени и информации за деталите на турнирот, се истакнува дека во лигата, што ќе брои 20 клуба, од кои 15 екипи се основачи, секоја сезона 5 фудбалски тимови постојано ќе се менуваат.
На турнирот што ќе започне во август, натпреварите ќе се одвиваат во две групи од по 10 клуба. Екипите што ќе ги завршат натпреварите во групите на првите 3 места директно ќе се пласираат во четвртфиналето, додека екипите што ќе се пласираат на 4-то и 5-то место ќе играат плејоф за пласман во четвртфиналето. Четвртфиналето ќе се игра на две средби, а одредено е финалето да се игра во мај.
Во соопштението место му се отстапува на Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид и прв претседател на Европската супер лига, кој вели: „Ќе му помогнеме на фудбалот на сите нивоа и ќе го понесеме таму каде што заслужува. Фудбалот има над 4 милијарди навивачи низ светот и е единствениот глобален спорт во светот. Како големи клубови, наша одговорност е да одговориме на нивните желби.“
УЕФА, Англиската фудбалска асоцијација, англиската Премиер лига, Шпанскиот фудбалски сојуз, Ла лига, Италијанската фудбалска асоцијација и администрацијата на Серија А објавија заедничко соопштение во кое се противат на проектот за формирање супер лига.