Ahmet Gürhan Kartal
20 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер, Борис Џонсон, синоќа испрати непотпишано писмо до Европската Унија (ЕУ) со кое бара продолжување на сегашниот рок за Брегзит, 31 октомври, пренесува Anadolu Agency (AA).
Писмото беше потпишано само како премиер на Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, и беше испратено до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, без името и потписот на Џонсон.
Џонсон сакаше да се изгласа нов договор за Брегзит со ЕУ во британскиот Парламент. Сепак, тој беше принуден да побара продолжување од ЕУ поради „Актот Бен“, закон според кој се бара тој да постапи така, откако ги изгуби гласовите за амандманот, сè додека не се донесе соодветната регулатива.
Во одделно писмо, Џонсон побара од официјалните претставници на ЕУ да не дадат продолжување на рокот бидејќи тоа ќе предизвика одложување, што го нарече грешка.
Џонсон, исто така, испрати писмо до британските членови на Парламентот, предупредувајќи дека ЕУ може да го одбие барањето за понатамошно одложување и додаде дека тој „нема да преговара за одложување“.
„Ќе кажам во ЕУ она што ѝ го кажав на британската јавност за овие мои 88 дена како премиер - понатамошното одложување не е решение“, додаде тој.
Туск на Твитер напиша дека го примил барањето за продолжување и дека ќе се консултира со лидерите на ЕУ во врска со понатамошното делување.
Британските пратеници вчера го одложија значајното гласање за новиот договор на Џонсон постигнат со ЕУ.
Законодавците изгласаа амандман со кој го принудија Џонсон да бара продолжување на рокот за Брегзит до донесувањето на Нацрт-законот за повлекувањето во Парламентот.
Владата истакна дека ќе го поднесе неопходниот Нацрт-закон до Парламентот во понеделник, за да може Велика Британија да ја напушти Унијата на 31 октомври.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, инсистира Велика Британија да го напушти Блокот без или со договор на 31 октомври.