свет

Џамија во Франција ги отвори вратите за бездомниците и мигрантите

Во џамијата „Мант Суд“ во депарментот Јвелин, на околу 50 километри западно од главниот град Париз, беа поставени кревети за оние што имаа потреба од засолниште, а се служат и оброци за сиромашните

Rabia İclal Turan  | 16.02.2021 - Обновена : 17.02.2021
Џамија во Франција ги отвори вратите за бездомниците и мигрантите

ПАРИЗ (АА) - Џамија во Франција е место на безбедно засолнување за многу бездомници и мигранти за време на суровите зимски денови, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во џамијата „Мант Суд“ во депарментот Јвелин, на околу 50 километри западно од главниот град Париз, беа поставени кревети за оние што имаа потреба од засолниште. Со поддршка на Здружението „Ас суфа“ се служат и оброци за сиромашните.

Ишвор, непалски мигрант кој најде засолниште во џамијата, за Агенција Анадолија изјави дека нема да ги заборави муслиманите што му ги отворија вратите за време на студените ноќи.

„Муслиманите ни беа домаќини. Многу сум среќен што бев згрижен на такво посебно место“, рече тој.

Абделазиз ел Џаухари, претседателот на Асоцијацијата на џамии, рече дека џамијата е изградена во 2015 година и дека служи како место за богослужба, како центар за стекнување знаење и за социјални активности.

Додека ја граделе џамијата, Џаухари рече дека ја имале предвид улогата на џамиите за време на божјиот пратеник Мухамед. „Неговите џамии [на пратеникот Мухамед] имаа 3 главни функции. Обединување на луѓето, овозможување да се стекнат со знаење и обезбедување социјална помош“, рече тој.

„Третиот кат што треба да се изгради, ќе служи како центар за стекнување знаење“, додаде тој: „Ние сакавме да го следиме сунетот [практиката] на пратеникот Мухамед.“

„Обезбедуваме засолниште при итни ситуации за бездомниците во текот на целата година. Ги отвораме вратите на џамијата не само за муслиманите, туку и за секој друг што ќе ни тропне на врата.“

Џаухари рече дека добиле поддршка од многу луѓе откако упатиле повик преку социјалните мрежи, и додаде дека луѓето сакаат да бидат волонтери во џамијата за да им помагаат на луѓето што имаат потреба, додека други испраќаат помош.

Аиша Бендуха, една од волонтерите, која е со алжирско потекло, рече дека секоја сабота доаѓа во џамијата како волонтер и помага во хуманитарните активности.

Истакнувајќи дека тие служат оброци на повеќе од 150 луѓе дневно, таа рече: „На тој начин го менуваме светот секој ден.“

Волонтерката Кедима Кадгам рече дека бројот на волонтери во џамијата расте и истакна дека идејата да се биде од корист некому им дава сила и мотивација.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.