Islam Uddin
14 Декември 2024•Ажурирај: 15 Декември 2024
АНКАРА (АА) - Јужнокорејскиот парламент во денес го суспендираше од функцијата претседателот Јун Сук Јеол, откако го усвои предлогот за импичмент за обидот за воведување вонредна состојба, известува Анадолу.
„За импичмент гласаа околу 204 пратеници, додека минималниот праг за одлука е 200 гласа во 300-члениот парламент“, се вели во соопштението на парламентот.
Тоа е втора иницијатива за импичмент поднесена против Јун од блок од шест опозициски партии, од кои првата не доби доволна поддршка во парламентот минатата недела.
Според јужнокорејскиот устав, актуелниот премиер Хан Дак Су ќе ја преземе функцијата од Јун додека Уставниот суд не донесе одлука дека смената на Јун е оправдана.
Судот ќе одржи судење за настаните што доведоа до импичментот и ќе одлучи дали Јун треба да биде сменет. Тоа може да потрае и до шест месеци, но ако судот го потврди отповикувањето на Јун, претседателските избори мора да се одржат во рок од 60 дена.
Во случај Јун да одлучи да поднесе оставка, тоа ќе предизвика организирање претседателски избори во следните два месеци.
За барањето поднесено од опозицискиот блок, кој има 192 пратеници, потребна беше поддршка од најмалку осум пратеници од владејачката Партија на Народната моќ, која има 108 пратеници.
Ова е трет поддржан предлог за импичмент во уставната историја на Јужна Кореја.
Барањето беше покренато откако Јун донесе шокантна одлука да воведе вонредна состојба ноќта на 3 декември, која беше укината во рок од шест часа откако 190 пратеници во парламентот ја отфрлија одлуката на претседателот истата вечер.
Потегот на 63-годишниот лидер отвори истрага, вклучително и за самиот Јун, кој стана првиот претседател кој се соочи со обвиненија за предавство и бунт, и му беше забрането патување.
Јун беше избран во 2022 година за петгодишен мандат до 2027 година, но неговата администрација беше ослабена кога главната опозициска Демократска партија освои мнозинство на парламентарните избори одржани во април оваа година.