Ahmet Furkan Mercan
27 Мај 2022•Ажурирај: 28 Мај 2022
СЕУЛ / ТОКИО (АА) - Јужна Кореја одлучи да ја продолжи забраната за увоз на морски плодови од Јапонија по нуклеарната криза во Фукушима до која дојде по земјотресот во 2011 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави агенцијата „Јонхап“ (Yonhap), јужнокорејскиот министер за океани и рибарство, Чо Сеунг-Хван, дал коментар за текот на забраната што се однесува на увозот на продукти од Јапонија.
Зборувајќи дека зазеле „став на отпор“, министерот Чо истакна: „Не размислуваме да дозволиме увоз на јапонски морски плодови.“
Министерот Чо додаде дека таквиот пристап на Јужна Кореја нема да се користи како тактика за влез меѓу земјите од договорот Транспацифичко партнерство (ТПП).
„Јонхап“ објави дека администрацијата во Сеул се подготвува да го заврши локалниот процес за аплицирање за Јужна Кореја во ТПП, во кој се вклучени 11 земји, меѓу кои се и Австралија, Сингапур, Мексико и Јапонија.
За членство во ТПП, каде што исто така сакаат да се приклучат и Кина и Тајван, потребна е едногласност на земјите членки.
По нуклеарното истекување до кое дојде во нуклеарната централа „Даи-ичи“ во префектурата Фукушима по земјотресот и цунамито во март 2011 година, Јужна Кореја престана да увезува морски продукти од 8 јапонски префектури, вклучувајќи ја и Фукушима.