Emre Aytekin
13 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Јужнокорејските власти порачаа дека на разузнавачките служби на оваа земја и на Соединетите Американски Држави (САД) од порано им била позната информацијата во врска со севернокорејските тајни бази и складиштата со балистички ракети, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Портпаролот на Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја, Ким Еу-Кје, потврди дека јужнокорејските и американските разузнавачи од порано се запознаени со информацијата за севернокорејските ракетни бази, чии сателитски снимки ги објави американскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии (CSIS)“, јави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ (Yonhap).
Портпаролот Ким додаде дека споменатите фотографии се добиени од комерцијалните сателити.
„Разузнавачките авторитети на Јужна Кореја и САД поседуваат многу подетални фотографии кои се забележани со воените сателити. Овој случај се следи одблизу“, истакна Ким.
Тој изнесе и критики на сметка на оние кои тврдат дека споменатите бази претставуваат севернокорејско „залажување“, и потенцираше дека сѐ уште не постои каков било договор кој би барал од Пјонгјанг да прогласи постоење на базите. Ким, исто така нагласи дека овој случај не треба да се гледа како големо отстапување од мировниот процес на Корејскиот Полуостров.
Вашингтонскиот Аналитички институт ЦСИС вчера објави дека Северна Кореја поседува најмалку 13 тајни бази и складишта на балистички ракети со нуклеарен капацитет. Наведено е дека споменатите бази се наоѓаат на околу 85 километри северно од демилитаризираната зона која ја раздвојува Северна од Јужна Кореја.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џae-Ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун, на 27 април се состанаа во демилитаризираната зона Панмунџом. На крајот на Самитот беше соопштено дека е постигнат договор за почеток на преговорите за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и претворање на моменталното примирје во траен мир. Мун и Ким се сретнаа потоа и на 26 мај, кога разговараа за мировниот процес меѓу двете земји.
Лидерите на Северна и Јужна Кореја по третпат се сретнаа во септември, кога е објавен заеднички документ со кој е ветено дека ќе бидат продолжени заедничките напори за постигнување мир меѓу двете земји.
Кажано е дека доколку САД ги преземат потребните чекори, Северна Кореја ќе преземе уште повеќе чекори кога станува збор за денуклеаризација на полуостровот.
Истакнато е и дека Северна Кореја и Јужна Кореја на меѓународните спортски натпреварувања ќе продолжат заедно да настапуваат и дека заедно ќе работат за да бидат домаќини на Летните олимписки игри во 2032 година.