Emre Aytekin
21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, истакна дека заедничките реакции со Соединетите Американски Држави (САД) врз Северна Кореја, во однос на проектилите што ги тестираше минатата недела, придонеле да не се прекине дијалогот за мир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информацијата на јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“, Мун на вечерата одржана во претседателската палата ги прими јужнокорејскиот министер за одбрана, Џеонг Кјеонг-До, командантот на американските сили во Кореја, генерал Роберт Абрамс и воените офицери на двете земји.
Мун, во својот говор истакна дека заедничката смирена и одлучна реакција со САД кон Северна Кореја, во однос на проектилите со краток дострел што ги истрела кон Јапонското Море, овозможија дијалогот со власта во Пјонгјанг да продолжи без прекин.
Мун, исто така, изрази желба за продолжување на заедничката заложба на двете земји за мир.
Пјонгјанг на 4 мај истрела неколку ракети со краток дострел кон Источното Море (Јапонско Море).
Во соопштението од Јужна Кореја на 7 мај се нагласува дека се загрижени од проектилите со краток дострел што ги тестираше Северна Кореја кон Јапонското Море и сериското гаѓање од повеќекратни напаѓачки системи, и се додава: „Ја повикуваме Северна Кореја да ги запре воените активности кои ги зголемуваат тензиите на Корејскиот Полуостров.“
Од друга страна, од Генералштабот на Јужна Кореја се истакнува дека Северна Кореја од областа Пјонган кон исток тестирала два проектила со краток дострел и дека проектилите стигнале до далечина од 420 и 270 километри.
Во соопштението од Министерството за надворешни работи на Северна Кореја се наведува дека изјавите за загриженост на Јужна Кореја и повикот за намалување на воените тензии се „апсурдни“, и дека тестовите се во рамките на опсегот на рутински вежби и за одбранбени цели.