Mohamad Misto
28 Април 2018•Ажурирај: 29 Април 2018
МУНБИЧ/АНКАРА (AA) - МУХАМЕД МИСТО - Терористичката организација ЈПГ/ПКК го зголеми притисокот во Мунбич, град кој се наоѓа во северниот дел на Сирија и е окупиран од страна на оваа терористичка организација. Исто така, оваа организација ги заплени недвижните имоти и ја зголеми практиката за присилно земање на младите во војска.
Според информациите добиени од локалните извори, ЈПГ/ПКК го зголеми притисокот врз цивилите во Мунбич кој се наоѓа на западниот дел на реката Еуфрат.
Оваа терористичка организација, со една одлука донесена вчера, заплени околу 200 земјишта, деловни простории и куќи на припадниците на Слободната сириска војска (ССВ) и на нивните семејства.
Се дознава дека организацијата присилно ги отстранила од куќите старите лица кои сè уште се наоѓале во некои куќи, додека пред два дена донела одлука за присилно земање на младите во војска.
Оваа одлука ги вклучува сите млади лица во подрачјето, родени во периодот од 1988 до 2000 година. Организацијата им се заканува ако тие не се предадат до 5 мај.
Локалните извори велат дека оваа организација ги зголеми контролните точки во подрачјето, односно, речиси во секоја улица постави контролна точка.
ЈПГ/ПКК во август 2016 година со поддршка на САД ja презеде контролата врз Мунбич од ДЕАШ.
САД кои ја продолжуваат поддршката за терористичката организација ЈПГ/ПКК под изговор дека водат борба против терористичката организација ДЕАШ, дадоа гаранција дека откако ова подрачје ќе се ослободи од ДЕАШ, ЈПГ/ПКК ќе го напушти ова подрачје, но не го исполнија ова ветување.