Tezcan Ekizler
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
ИЗМИР (АА) - Уморно од граѓанската војна во својата земја и со надеж за подобар живот, едно јеменско семејство се обидело да премине во Европа преку Грција. Сепак, работите не завршиле според планираното, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еден член од семејството се изгубил во морето, откако единиците на грчката крајбрежна стража го фрлиле во студениот и безмилосен Медитеран.
Три члена од семејството: парот Махди Кала и Фатима Махмуд и нивниот братучед Мукахед Абдулџавад го напуштиле Јемен во декември 2021 година.
По нелегален пат, тие пристигнале во турската егејска област Измир.
На 30 јануари се качиле на гумен чамец со група јеменски мигранти и преминале на грчкиот остров Хиос.
Сепак, нивната среќа била краткотрајна.
Грчката крајбрежна стража ги фатила, ги качила на чамец, а потоа фрлила три лица во турските територијални води.
Кала, Абдулџавад и уште еден Јеменец по име Махад Адинаре биле фрлени во морето.
- Соочени со смртта -
Пливајќи против силните струи и ниските температури, Кала и Адинаре успеале да стигнат до островот Караада кај Мугла, Турција. Но Абдулџавад сѐ уште е исчезнат.
Единиците на турската крајбрежна стража им пружија прва помош на преживеаните и започнаа операција за потрага по Абдулџавад.
Раскажувајќи ја својата мака, Кала рече дека единиците на грчката крајбрежна стража им ги одзеле мобилните телефони и парите.
Тој рече дека некои од мигрантите биле одделени од групата и качени на чамец, додека другите, меѓу кои и тој, биле одведени во полициска станица со лисици.
„Нѐ качија на мал чамец. Со нас имаше и грчки војници. По 20 минути пловење ни ги извадија лисиците. Имавме елеци за спасување за деца, кои не ни беа точни. Нѐ фрлија во вода. Им кажавме на грчките војници дека не можеме да пливаме. Но и покрај тоа тие нѐ фрлија во морето и заминаа“, рече тој.
Раскажа дека се мачеле долго време бидејќи морето било немирно и студено.
„Мислев дека ова е крајот“, рече тој.
„Елекот за спасување беше премногу мал и не можеше да нѐ држи на површина. Проголтавме премногу вода; затоа, мојот братучед не можеше да плива. Стигнавме до островот и чекавме до утрото“, рече тој.
- Екипите на турската крајбрежна стража ги спасиле -
„Екипите на турската крајбрежна стража нѐ спасија следниот ден во 10:00 часот. Мојот братучед воопшто не знаеше да плива и беше многу исплашен. Сè уште му го слушам гласот“, рече мигрантот.
„Тоа дефинитивно беше нехумано. Како може да се фрли човечко суштество во вода? Нема да се обидам повторно да преминам во Грција. Се обидовме да избегаме од нашата земја поради лошите услови и војните. Избегнавме една смрт, а се соочивме со друга, не најдовме ништо ново“, рече тој.
Кала порача дека им е благодарен на турските војници кои им помогнале во моментот кога им биле најпотребни.
„Нѐ спасија од островот. Ни дадоа облека и ќебиња. Грчките војници не ни обезбедија храна. Турските војници ни понудија млеко и храна, добро се однесуваа со нас“, рече тој.
Турција и групите за човекови права постојано ја осудуваат нелегалната практика на Грција на истуркување на мигрантите, велејќи дека тоа ги прекршува хуманитарните вредности и меѓународното право со загрозување на животите на ранливите мигранти, вклучително и жени и деца.
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, вчера изјави дека најмалку 12 нерегуларни мигранти истуркани од грчка страна биле пронајдени смрзнати до смрт во северозападна Турција. Грчките сили им ги соблекле облеката и обувките.
Минатата недела Сојлу изјави дека тројца мигранти биле фрлени во морето од грчката крајбрежна стража, од кои двајца биле спасени.