Hamdi Yıldız
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
ЈЕМЕН
Две лица загинаа при полициска интервенција на демонстрациите во знак на протест поради високите трошоци за живот организирани во градовите Хадрамаут и Аден во Јемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите што новинарот на АА ги доби од претставници на здравствени установи и од очевидци во регионот, едно лице загинало, а четири се повредени во интервенција на безбедносните сили врз група која протестира поради високите трошоци за живот во Ал Мекла, центарот на Хадрамаут.
Во интервенцијата на полицијата за растурање на слични демонстрации во градот Аден, загинало едно лице, а три се повредени.
Во понеделникот започнаа да се одржуваат интензивни демонстрации поради влошените услови за живот во многу градови на Јемен.
Иако нема официјални информации за загинати или повредени, се наведува дека безбедносните сили се распоредени со цел да спречат хаос, блокирање на патишта и напади врз јавни и приватни институции.
- Граѓанска војна и хуманитарна криза во Јемен
Во Јемен подолго време владеат судири и политичка нестабилност помеѓу владините сили и Хусите кои се поддржани од Иран.
Хусите од септември 2014 година под своја контрола ги имаат повеќе подрачја во земјата, меѓу кои јеменскиот главен град Сана, додека коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на јеменската Влада против Хусите.
Во конфликтите во Јемен што траат веќе седум години, животот го загубија 233.000 луѓе. Јемен, една од најсиромашните земји во светот, се соочува со хуманитарната криза која достигна енормни размери поради граѓанската војна што владее во земјата.
Според Обединетите нации, во Јемен, земја со популација од 30 милиони жители, која ја доживува една од најтешките хуманитарни кризи во светот, повеќе од 22 милиони луѓе имаат потреба од помош и заштита.